Македонија против сексуалното вознемирување #СегаКажувам, #TaniTregoj

380

На социјалните мрежи започна кампања со хаштагот #СегаКажувам, во која жените споделуваат информации за најразлични случаи на сексуално вознемирување или напад, кои ги доживеале или виделе.

Повеќе македонски професорки, активистки, писателки, јавни личности и граѓани  на Фејсбук и на Твитер, на македонски и на албански јазик, споделуваат лични приказни или на свои блиски роднини и пријатели, за сексуална злоупотреба, принуда од позиција на моќ, навреда и родова дискриманција.

Меѓу имињата кои под хаштагот #СегаКажувам #ТaniTregoj споделуваат свои ставови и приказни, се писателката и професорка Румена Бужаровска, активистката Ирена Цветковиќ, актерката Ирена Ристиќ, професорката Ана Мартиноска, модната дизајнерка Ивана Кнез, композиторката Дарија Андова, актерката Јасмина Василева, продуцентката Марија Зафирова.

„Целта на оваа иницијатива е да го скршиме молкот со кој се најчесто обвиткани искуствата на сексуално вознемирување кои ги доживуваат многу жени. Наша идеја не е да покажеме кои се насилници во Македонија, туку колку е нормализирано и распространето сексуалното вознемирување. Живееме во култура која го оправдува, крие и нормализира овој вид на насилство и вознемирување, па затоа првиот чекор кон решавање на овој проблем е да се прозбори јавно“, вели Ирена Цветковиќ, директорка на Коалицијата „Маргини“.

Македонската кампања го следи примерот на американската кампања #МеТоо, која се појави изминативе месеци по откривањето на скандалот со холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, кој се соочи со низа обвинувања за силување и за сексуално вознемирување од врвни холивудски актерки.