Апаратите за игри на среќа мора да бидат 300 метри подалеку од училиште

230

Увоз на апарати за игри на среќа не постари од една година, издавање повеќе лиценци за повеќе објекти и минимална оддалеченост од 300 метри на играчниците за среќа од училиштата се измените што се подготвуваат во Законот за игри на среќа.

Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) го објави Предлог-законот, а приредувачите на игри на среќа доставија свои забелешки, револтирани од новото законско решение. Тие велат дека новите прописи ќе удрат по овој бизнис, а дел од нив обвинуваат дека ова се прави за да се фаворизира работењето на државната лотарија.

Нема веќе да отвора казино кој каде сака

Во образложението на новото законско решение е наведено дека во постојниот закон не постои никакво ограничување каде може да се отвораат обложувалници и казина, ниту колку.

„Нив буквално ги има на секој чекор, во деловни објекти, во згради, во куќи, до училишта и градинки. Приредувачите на игри на среќа во клубови за автомати, со добивањето една лиценца за клуб за автомати имаат можност да отворат неограничен број деловни простории“, ја образложува Министерството за финансии актуелната состојба.

Казината и обложувалниците ќе мора да бидат оддалечени најмалку 300 метри од основните и од средните училишта.

„Приредувањето на игрите на среќа во деловни простории што се лиценцирани во близина на училишта влијае врз поттикнување на младата популација во насочување на лоши и несоодветни навики за нивната возраст“, оценува предлагачот.

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници, пак, велат дека предложеното решение за просторна оддалеченост на обложувалниците и објектите за игри на среќа е неприфатливо, затоа што во законот веќе е дефинирано дека „лица помлади од 18 години не може да учествуваат во игри на среќа“. Оттаму нагласуваат дека во обложувалниците вработуваат 3.000 луѓе и дека треба да се внимава со законските измени.