Ви ги претставуваме новите македонски брендови зад кои стојат амбициозни девојки

463

Сите што наутро, како загревање за работа, имаат навика да прелистуваат онлајн списанија, веќе сигурно забележале дека на светскиот пазар сè повеќе се појавуваат симпатични „indie” брендови и компании предводени од девојки. Па иако целта на овој текст не беше само нагласување на феминистичкиот аспект, посакавме да го подвлечеме фактот дека позади сите овие прекрасни, нови брендови стојат локални силни и многу амбициозни девојки.

И покрај тоа што секој од брендовите припаѓа на различна категорија (козметика, мода, дизајн…), ние сега ги сместуваме во една – „Нови, прекрасни брендови што силно се трудат да успеат на еден брутален пазар и кои сите треба да ги поддржиме“.

ONE MADE

ОРГАНСКА КОЗМЕТИКА
ОСНОВАЧ: ДОРОТИ ПАЧКОВА

One Made (или „Една прави!”) произведува и нуди природна и целосно еколошка, органска козметика за хигиена, нега и еко-свесен третман на кожа. Сите прозводи се направени од ладно цедени масла, мацерати од диви билки и најчисти путери. Суровините се третирани нежно за да ги задржат специфичните витамини, минерали и добробити. Специфичната кохезија и суровата подготовка ги прави совршени за да ја потсетат кожата да се самоодржува.

Дополнително, произведени се од единственото претпријатие „Една прави!“, каде се вработени остручени самохрани мајки, па со тоа се директни бенефитори, тие и нивните дечиња. Со секој купен производ и дарувате луксуз на кожата, ја заголемувате вработливоста на самохрани мајките од земјава, но и донирате директно во единствената активна, грас рут организација за еднородителски семејства во РМ, „Една може!“.

CACTUS

ДИЗАЈН И РАЧНА ИЗРАБОТКА НА ОБЛЕКА
ОСНОВАЧИ: ЕМИ ЕРМИЛОВА И САНДРА МОЈСОВА

„За урбани места и лица” е описот кои основачките, Еми и Сандра, го даваат за својот нов проект „Cactus“, а ние мислиме дека тоа е како сошиено за Скопје. Нивната прва колекција неодамна беше лансирана и промовирана во рамки на овогодинешниот фестивал Паратисима, а набрзо и целосно распродадена.

Нивните производи сега за сега се изложуваат само на саеми и pop-up евенти, а дизајнот, материјалот и моделите ги дефинираат, рачно изработуваат и везат самите девојки. Еми и Сандра ветуваат дека наскоро ќе ни откријат повеќе детали за втората колекција, но веќе знаеме дека подготовките се во тек и дека во септември треба да бидеме спремни за шопинг.

SEED OF LIFE

СИРОВИ, ВЕГАНСКИ, БЕЗГЛУТЕНСКИ КРЕКЕРИ
ОСНОВАЧИ: СОФИЈА ШУТОВА И БИЛЈАНА КАРАПАНЏОВА

Овие две девојки, како инспирација за своето верување дека „ти си тоа што јадеш” ја раскажуваат приказната за Дедо Стојан. Дедо Стојан имаше 95 години, се хранше со сирова храна: ореви, сушени јаболки и кајсии на сонце. Трчаше по 5 км секое утро, вежбаше гимнастика и јога. Зборуваше есперанто и се допишуваше со луѓе од 50 земји ширум светот.

Фокусот на нивната мала компанија е на промовирање на нов начин на размислување за зачувување и подобрување на здравјето. Нивни продукти моментално се таканаречените „кликери“ со 3 различни видови на вкус: бадем и рузмарин, пиперка и тиква, ким и индиски ореви, и најважно од сè – не содржат млеко, квасец, глутен, брашно, шеќер, конзерванси и транс масти. Производите моментално се достапни само по нарачка и лоцирани во Неготино.

CRUSH

СКРАБ ЗА ТЕЛО И ЛИЦЕ НА БАЗА НА КАФЕ
ОСНОВАЧ: СТЕФАНИЈА ЗЛАТКУ

Брендот на Стефанија Златку, Crush, нуди еден продукт – скраб за тело и лице на база на кафе, природни масла, хималајска сол и витамин Е. Пилингот е направен од жена за жени и нуди решение за проблемите со акни, митесери, лузни, стрии, целулит, поткожни влакна и ја одржува кожата мека, мазна и витална.

Скработ е достапен само онлајн т.е. преку нивната Facebook страна (со бесплатен шипинг за Македонија).

FIT KIT

МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА ШТО ТИ ОВОЗМОЖУВА ДА ВЕЖБАШ НА ПОВЕЌЕ ОД 20 ФИТНЕС И СПОРТСКИ ЦЕНТРИ ВО СКОПЈЕ
ОСНОВАЧ: АНГЕЛИНА БЛАЖЕВСКА

„Fit Kit“ е мобилна апликација за iOS и Android која ти овозможува да одредиш каде, кога и што сакаш да вежбаш. Јога, пилатес, аеробик, фитнес, пливање, танцување и боречки вештини, со апликацијата имаш можност за единечна месечна членарина да посетиш 16 тренинзи по твој избор, на преку 20 локации во Скопје.

Идејата на апликацијата е искусување на економичната, удобната, флексибилната и забавната страна на вежбањето, а инспирацијата доаѓа од ClassPass, тип на апликација која Ангелина силно верува дека е потребен и кај нас. Најпримамлива за оние на кои лесно им здосадуваат истиот тип на вежби и константно се во потрага по промена, во првите 48 часа по лансирањето на апликацијата, веќе беа регистрирани повеќе од 500 профили.

BARE ORIGIN

КОЗМЕТИКА ЗА НЕГА НА ТЕЛО ИЗРАБОТЕНА ОД 100% ПРИРОДНИ И ТРАДИЦИОНАЛНО УПОТРЕБЕНИ СОСТОЈКИ
ОСНОВАЧ: НЕНА СТОЈОВА

„Bare Origin“ за природна нега на кожа се изработени со состојки од Мароко, а склопени во Стокхолм, и се обидуваат да го искомбинираат најдоброто од повеќе традиции во единствено шише.

Сите производители со кои Нена соработува се внимателно селектирани, така да бидат искрени и фокусирани на квалитет, но истовремено да работат со страст и за доброто на заедницата во која живеат. Пример, во кооперативата што произведува арганово масло работат 40 жени од селото, кои се фер платени што им овозможува да бидат самостални, а кооперативата што работи на производи од рози е единствениот извор на средства на селото и тие пари ги инвестира во доктори и училишни професори. Бидејќи Нена моментално живее во Стокхолм, за сега продуктите се продаваат онлајн, но планот е наскоро да станат лесно достапни и во Македонија.