Литературен клуб во СУГС Георги Димитров Скопје

303

Како и секоја година, така и оваа учебна 2017/2018 година во рамките на Средно Училиште на Град Скопје “Георги Димитров” – Скопје посебно внимание им посветуваме на културно едукативните активности. Овој пат се работи за слободна активност наменета за љубителите на пишаниот збор.

Во рамките на воннаставните активности, во нашето училиште се формираше литературен клуб. Оваа воннаставна активност е наменета  за учениците од гимназиското образование и за оние од стручните паралелки. Сите ученици кои сакаат да го продлабочуваат и прошируваат своето знаење по наставниот предмет Македонски јазик и литература и се љубители на пишаниот збор присуствуваат на состаноци кои се одржуваат еднаш во месецот во училиштето или на локација предвидена во програмата. Оваа литературна дружба е под менторство на Соња Енџекова Сопотска, професор по македонски јазик и литература. Во продолжение низ фотографии Ви претставуваме дел од активностите кои се реализираа.

  • Во месец февруари се одржа средба со поетот Ѓоко Здравески во градската библиотека “Браќа Миладиновци” во Скопје на тема: „Како ја доживуваме и толкуваме поезијата“. Главна цел на учениците беше да дискутираат за поезијата и да го научат Херменевтичкиот пристап во поезијата.
  • Во март следува учество на литературни читања со цел учениците да ја доживеат литературата како уметност;
  • Во месец април ќе се организира работилница за креативно пишување на која учениците ќе се стекнат со основните алатки од наратологијата за да можат да пишуваат свои текстови и кај себе да го поттикнат уметничкиот талент;
  • Во мај ќе се организира трибина со универзитетски професори каде учениците ќе се запознаат со вештините на зборувањето, ќе стекнат ораторски способности, ќе ја развијат креативноста за пишување и ќе се стекнат со знаења од областа на теоријата на литература;
  • За крај, во месец јуни ќе има интерпретација на личните творби на учениците на која учениците ќе го прикажат стилот на изразување, ќе го негуваат правоговорот, ќе ги прикажат своите вештините во критичко толкување на уметничките дела.

Целта на овој клуб е преку наведените активности да се поттикне уметничкиот талент. Учениците  да го подобрат својот стил на говорење и пишување, да се продлабочат знаењата во областа на литературата, да се развие креативноста, подобрување на нивните ораторски способности, а со тоа и нивно поттикнување да интерпретираат и самостојно да водат дискусија за одредена тема во усен или пишан исказ и да даваат сопствени идеи и решенија за конкретни проблеми. Истовремено се истакнува можноста за правилно литературно читање и говорење со употреба на артикулацијата и интонацијата при експресивниот начин на изложување на определена тема.

Сара Петрушевска и Тамара Илиоска