Отворен е првиот “селфи” музеј: “Денес луѓето не сакаат само да набљудуваат, сакаат да бидат дел од уметноста”

563

Во калифорнискиот град, Глендејл отворен е првиот “селфи” музеј, во кој посетителите се повикани да ги “истражуваат корените на овој друштвен феномен”, пренесуваат американските медиуми.

Во овој интерактивен музеј, “селфи” стаповите и фотоапаратите не само што не се забранети, туку посетителите се поттикнати да ги носат со себе.

До 31 мај сите заинтересирани ќе можат да го посетат музејот и да го истражуваат социјалното и културното влијание на овој популарен вид на фотографија.

Просториите на музејот се посебно уредени за правење “селфи”.

Таму се наоѓаат и експонати кои корисниците на социјалните мрежи често ги објавуваат на своите профили, како храна или тоалет со големи огледала, вели еден од основачите на музејот, Томи Хонтон.

“Сакаме да ги развеселиме и насмееме луѓето. Сакаме да ги изненадиме со музејската опрема. Ние сме место со визуелен хумор во кој посетителите во моментот кога ќе влезат, настапуваат во интеракција со просторот. Се надевам дека слатко ќе се насмеат, ќе бидат збунети и изненадени и дека нема да можат да одолеат, а да не направат неколку “селфиња”.

“Односот помеѓу луѓето и уметноста се промени. Денес луѓето не сакаат само да бидат набљудувачи, тие сакаат да бидат дел од уметноста”, вели Хонтон.