Посета на Cloud data центарот на ФИНКИ

964

Една од најважните компоненти на проектот за техничка помош во областа на образованието во Република Македонија – Донација од Владата на Народна Република Кина, односно срцето на целиот систем е интегрираниот податочен центар инсталиран на Факултетот за информатика и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ).

Станува збор за најмодерен технолошки пристап, односно самостоен податочен центар кој овозможува инфраструктура во облак (Cloud data center).

IMG 0619
Тој претставува комлетна и независна околина која обезбедува услови за сместување на сите ИТ системи потребни за функционирањето на концептот на ИТ ресурси во облак. Овој нов концепт е темел на сите ИТ проекти на Министерството за образование и наука (МОН) и Универзитетот и ја подигнува ИТ инфраструктурата на највисоко ниво на безбедност и достапност. На долг рок, овозможува непречена имплементација на сите замислени проекти во образованието кои побаруваат обемни серверски и податочно-складирачки ресурси.

IMG 0626

Успешната имплементација на овој важен инфраструктурен ресурс за Министерството е обезбедена преку соработка на техничко, стручно и научно ниво помеѓу МОН и ФИНКИ како високообразовна институција со најголемо искуство во областа на ИТ.

Целта на соработката е правилното и оптимално искористување на напредните ИТ ресурси кои податочниот центар може да ги понуди. Активното учество на експерти од Факултетот во целокупниот процес на планирање, имплементација и понатамошно континуирано користење дополнително ја зголемува вредноста на оваа ИТ инфраструктура.

Присуството на ваков модерен и моќен систем на универзитетскиот кампус отвора можност за негова употреба во образованието на идните ИТ инженери и континуираното усовршување на ИТ експертите во земјата.