Во најдоброто училиште ќе добиваат за една третина повисока плата

942

Вработените во училиштето што според надворешната евалуација што ќе ја прави Министерството за образование и наука ќе биде прогласено за најдобро, цела година ќе добиваат повисока плата за 30 отсто. Освен тоа, учениците во тоа училиште ќе добиваат додаток на свидетелство. Ова е предвидено со новите измени на Законот за основно образование, кои се веќе во собраниска процедура.

– Се воведува надворешна евалуација на училиштата, која ќе биде основа и за нивно рангирање. При рангирањето на училиштата ќе се вреднуваат учество и постигнувања на меѓународни и државни натпревари, учество на наставниците и на учениците во проекти финансирани од меѓународни организации во текот на претходната календарска година. На учениците што учат во училиштето што е најдобро рангирано ќе им се издава додаток на свидетелство во кое се наведени годината во која училиштето е најдобро рангирано и бројот на поени што ги освоило училиштето при рангирањето. Овој додаток на свидетелството се издава десет години по добивањето на плакетата за најдобро рангирано училиште – предвидено е во предлог-измените.
Инаку, веќе десет години по ред, државните просветни инспектори спроведуваа интегрална евалуација, со која се оценуваше секое училиште во државата.

Оценката се даваше со темелна проверка на седум подрачја: наставни планови и програми, постигнувања на учениците, учење и наставна поддршка на учениците, училишна клима, ресурси и управување, раководење со училиштето. На пример, во учебната 2014/2015 година, со највисока оценка беа оценети училиштата „Љубен Лапе“ во Аеродром, „Гоце Делчев“ во Прилеп, „Браќа Миладиновци“ во селото Миладиновци, „Партенија Зографски“ во Скопје и други.

Највисока оценка што можеше да ја добие едно училиште беше четворка, а најниска – единица. Секоја година имаше училишта што не ги задоволуваа критериумите предвидени со закон, па поради тоа беа оценувани со најниска оценка. Во минатото, извештаите од интегралната евалуација покажуваа дека училиштата треба да посветат повеќе внимание на начинот на избор на изборните предмети, слободните часови и на проектните активности. При вршење интегрална евалуација, на училиштата им се даваа препораки за да се подобри квалитетот на образовниот процес, а по шест месеци повторно се вршеше контрола, за да се утврди дали училиштата постапиле по препораките.

Во 2013-та на пример, при инспекциските надзори за интегралната евалуација, најчесто се јавувале следниве недостатоци во училиштата: традиционална настава, недоволно користење ИКТ во наставниот процес, несоодветен наставен кадар, а четири отсто од наставниците не доставиле планирања до раководниот кадар на училиштето.

Исто така, постапката за избор на изборни предмети, проектни активности и на слободни часови не се вршела во согласност со насоките, туку се задоволувале потребите на наставниците (не се анкетирале ученици што сакаат да учат, туку кој наставник нема доволно часови), за што Државниот просветен инспекторат издавал препораки и решенија.

Извор: НОВА МАКЕДОНИЈА