Неопходни се промени во Балканските образовни системи – еден од заклучоците од дебатата за дигитални вештини на Дигиталниот Самит

3937

Минатата недела се одржа дводневниот Дигитален Самит на Западен Балкан на кој беа покренати многу дискусии, теми и значајни прашања. На панел дискусијата за дигитални вештини, како една од главните теми кои се обработуваа на Самитот, беа дискутирани повеќе теми поврзани со дигиталните вештини, дигиталната писменост и дигиталната трансформација.

Учествуваа 6 говорници од неколку земји, а како единствен претставник од Македонија говореше г-ѓа Валентина Тасева, претставник на Стопанска комора на Македонија и генерална директорка на Семос Едукација.

На дискусијата г-ѓа Валентина Тасева се обрати до присутните и постави прашање со кое се отвори многу простор за размислување дали Балканските држави имаат квалитетен образовен систем: „Мораме да одиме во насока која домашните компании и европскиот пазар ја бараат од нас. Сите развиени економии, мерат колку пари годишно губат заради недостаток на дигитални вештини. Дали се знае колку пари губат економиите во регионот заради недостатокот од дигитални вештини? Износот кој се создава заради недоволен број на ИТ едуцирани кадри ќе се намалува преку две решенија. Првото решение е ИТ едукација на сите нивоа, не само во неформалното образование, туку пред сѐ, во формалното образование. Ако сакаме да обезбедиме доволно дигитално писмени луѓе кои можат да одговорат на потребите на бизнисот, нив мора да ги обучиме, сега веќе не само на универзитетите, туку и во средните училишта. За жал, која е нашата пракса? Бројката на студенти кои се ИТ едуцирани, при што не зборуваме само за програмери, а излегуваат од универзитетите, е далеку од доволна за потребите на бизнисите. Тука е второто решение, кое лежи во промена не законската регулатива, веќе воведено во Романија и Полска, кои овој проблем го решаваат со воведување на индустриски, глобално признаен сертификат како дел од матурските испити. Сите оние средношколци, кои веќе вложиле во своето ИТ знаење и положиле испити од Мicrosoft, Adobe, Autodesk, или било кој друг бренд, се признаени не само од државата дека имаат еден положен испит, туку се прифатени и од индустријата за побрзо вработување.“ – истакна г-ѓа Валентина Тасева.

Преку глобално признаени ИТ сертификати како дел од матурските испити до зголемување на дигиталните вештини.

Преку глобално признаени ИТ сертификати како дел од матурските испити до зголемување на дигиталните вештини.

На прашањето како може да го подобриме формалниот образовен систем, г-ѓа Валентина Тасева посочи: „Најпрво, почнувајќи од мерење и проценка на моменталното ниво на дигитални вештини кај учениците, студентите и наставниците, а согласно резултатите, треба и да ги едуцираме. И на крај, многу важен дел е сертификацијата. Формалниот систем треба да ги воведе и признае глобално принзнаените сертификати, како дел од формалниот образовен систем. Прашањето е, дали сме доволно храбри прво да измериме колку (не) знаеме, а потоа и да ги сертифицираме постоечките знаења?

Особено важни се државните службеници, кои треба да обезбедат дигитални услуги на нашите граѓани, согласно стратегијата на Владите. За да тоа го прават успешно, најпрво тие мора да поседуваат соодветно ниво на дигитални вештини, обезбедени преку мерење на знаењата, прилагодена едукација и сертификација. Ако сакаме да започнеме со дигитална писменост, мора да се обучат и другите кадри, не само ИТ професионалците.“ – додаде г-ѓа Тасева.

Како модератор на дискусијата се појави г-ѓа Зоја Кукиќ (партнер и член на бордот на SEE ICT Србија), а покрај г-ѓа Валентина Тасева говореа и г.Александар Ридл (шеф на единицата Дигитална економија и вештини, GD CONNECT во Европската Комисија), г.Нил МекЛин (Генерален директор на Niel McLean Associates), г.Валдрин Лука (министер за економски развој на Косово), г.Шрини Гопалан (член на Бордот на директори на Дојче Телеком) и г.Шади Матар (советник на министерот за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина).

Главните заклучоци од широката дискусија беа дека дигиталните вештини се многу важна тема на која треба да се посвети големо внимание. Формалните институции и Владата треба да преземат иницијатива, особено во смисла на донесување разноликост и едукација за сите подеднакво, како и неопходност од промени во образовните модели. Дигиталните вештини не се релевантни само за ИТ и дигиталниот сектор, туку ќе бидат релевантни за секого. Тоа нема да ги реши само прашањата за вработување, туку ќе го реши и проблемот со  одливот на висококвалификувани кадри од државата.