Научници од МИТ открија начин морската вода да ја претворат во вода за пиење со помош на соларна енергија

1589

Научници од Технолошкиот институт на Масачусетс открија решенија како со помош на соларна енергија да ја претворат солената морска вода во вода за пиење. Откритието е дело на група научници на чело со турскиот истражувач Емре Генсер, пишува Daily Sabah.

Генсер, кој е дел од инцијативата Energy Initiative на МИТ, рече дека проектот е инспириран од земјите кои имаат многу сончева енергија, а многу малку вода за пиење. „Свежата вода, електричната енергија и водородот може да се добијат со помош на соларна енергија и солена вода, кои се едни од најобемните ресурси на Земјата“ изјави Генсер за Anadolu Agency.

Тој објасни дека водата најпрвин испарува со помош на систем за соларна енергија, а потоа пареата се испраќа до турбини за да се произведе електрична енергија. „Пареата добиена во текот на генерирањето енергија се носи до систем за термално третирање и се користи да се загрее солената вода. Во оваа фаза дел од солената вода испарува и се добива чиста вода за пиење“ објасни турскиот истражувач.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Безбедноста на водата за пиење е клучна имајќи го предвид растот на глобалната популација и порастот на консумацијата, се вели во истражувањето на научниците од МИТ. Досегашните техники за десалинизација се доста критикувани поради големата потрошувачка на енергија. Ваквиот нов начин на десалинизација со помош на обновлива енергија е значителен чекор напред кон поефикасен и поевтин процес за добивање вода за пиење.