Приказна на скопјанец кој се одлучил да студира во странство – нема неправди и стресови, за корупција да не зборуваме

2719

Читајќи за незадоволството на студентите и професорите, а по повод новиот Нацрт закон за високото образование кој е предложен од страна на Министерството за образование и култура, одлучив да ја споделам својата приказна…

Веднаш на почеток да кажам, од долгогодишно лично искуство, дека навистина е убаво да си студент во САД. Според искуствата на пријателите, слично е и во повеќето земји во западна Европа. Студентот, како и сите негови студентски права, е почитуван и уважуван. Јас како странец, која на почетокот на школувањето имав и јазични пречки и често не го разбирав системот, како ни тоа што се очекува од мене, никогаш не наидов на ниту еден лош поглед. Да не зборувам за тоа дека неправдите, стресовите, непотизмот, корупцијата и други проблеми кои кај нас доаѓаат во пакет со студентскиот индекс и каде се угнетуваат нашите студенти повеќе од премногу обемната теорија која често не се ни практикува во пракса, малиот број на излезни рокови и недостапноста на професорите, речиси и да не постојат.

Во овој систем точно се знае каде е местото на професорите, а каде на студентите. И не го велам ова во смисла дека професорите се заштитени како бели мечки и дека како на нашите често не смее да им се пријде. Напротив, атмосферата на предавањата е многу опуштена, можете да искажете несогласување, конструктивно и критички да демантирате, да се пожалите, да барате полагање пред комисија без страв од професорска одмазда, па и да донесете грицки или нешто за пиење на предавањата. Точно се знае и се почитува дека професорите се тука за студентите, а не обратно.

Студентите тука за себе и своето образование. Професорите се тука да им помогнат на тој пат и да им го пренесат знаењето, а попатно да добијат и паричен надомест за тој труд. Јасно како ден.

Се сретнав со голем број професори од различни профили и сите кои ги ценам и почитувам ми рекоа дека нивна најголема сатисфакција е сепак можноста да положат свој темел во столбот на знаењето на младите луѓе и да го видат нивниот успех. Па зарем не би се согласил секој квалитетен професор со овој став? Во спротивно, навистина не знам зошто некој би избрал да биде професор.

И не зборувам на памет, студирав и јас, додуша пократок период во нашата држава, но многу добро знам со какви проблеми се сретнуваат нашите студенти, со оглед на тоа дека моите родители исшколуваа четворица студенти, а и многу мои пријатели поминаа низ непријатни ситуации, па и психички тортури. Не дај боже да не се согласиш со професор на некој од нашите факултети! Или да им застанеш на нога на било кој начин. Тоа се нивоа на стресови кои на студентите им го отежнуваат и така тешкиот студентски живот, дополнително непроспиени и непродуктивни ноќи. Ова секако се однесува исклучиво на државните факултети, бидејќи немам желба дури ни да влегувам во расправа за приватните, бидејќи сите знаеме дека токму најстрогите професори кои се на државниот всушност се најблаги на приватните факултети.

А во таа година на студирањето која ја наведов во Скопје, на која навистина не сакам ни да се сеќавам, доживеав многу. Од студентска служба во која луѓе одамна зрели за пензија и измачени од мигрени, лаат и на самото чукнување на вратата (и навистина се извинувам на тие кои својата работа ја работат достоинствено, бидејќи ги има и такви), до чистачките кои го водат орото и ги одредуваат правците на движење и употребата на факултетските простории. Уважени госпоѓи, веројатно се чисти пред и после предавањата, а не во текот на истите, па и на скалите како на велеслалом и без право на влез во пола исчистени училници. Во Америка, секоја училница во која нема предавање е на располагање на кој било студент. Секако, тука се и разни професори извикани дека предавале на престижни светски факултети, кои пред студентските очи се појавуваат едвај два пати во семестар, а и тогаш доцнат повеќе од половина од траењето на предавањето и кога ќе влезат во училница, зборуваат за нерелевантни теми.

Така мене, еден извикан професор кој гостуваше од Белград, кој нели предавал на престижен американски факултет (ова посебно ни беше потенцирано од страна на директорот на отсекот), на едно од двете предавања кои ги имав кај него ме нарече „мачка‟, а не ми објасни ништо за социологијата како наука. Се што тој семестар јас го научив од социологија беше од сувопарна книга, а на моја сопствена инцијатива. Секако, се тоа изветреа од мојата глава три дена по испитито, бидејќи без интерактивност и стручно мислење нема ни знаење. На тие две предавања дознав и кои весници професорот сака да ги чита со утринското кафе, со што се бави неговиот син и како тој поминува година работејќи во Америка.

А социологијата, helouuu? Одработив за неговиот предмет и семинарска и на не знам колку страни, а кои ги договорив со него, само да дознаам дека таа семинарска никогаш не беше прегледана, ниту пак беше бодувана во завршната оценка. Многу мотивирачки, ќе признаете. Сето она што на американските факултети го прават студентите, а е поврзано за предметот и е одобрено од страна на професорот, наоѓа свој процент во завршната оценка.

Јас секако тука знам дека и студентите имаат приватни животи и проблеми и дека своето време не го берат на крошните. И уште мојот мој драг професор ме изнавреѓа кога му се јавив да го прашам за насоки, додуша на приватен број кој самиот ни го остави. Затоа јас прашувам дали ваквиот професорски кадар е квалитетен и потребен на нашите студенти и на образовниот систем? Што јас тоа научив од овој извикан професор?

Дали е релевантен да дава оцени на студентите за материјата и знаењето кое не го пренел на нив и дали поради вакви и слични професори, нашите факултети се наоѓаат на последно место во Европа и светот? Тие исти професори често на испитите бараат да знаете која реченица во која книга стои и се сами да разберете, бидејќи тие се нели познати личности и немаат време за предавања. Тие брзаат на функциите кои ги вршат во парламентите, болниците, приватните факултети… ма знаете се! Не верувам дека мојот драг професор вака се однесувал додека предавал во САД. Тажно е како често токму тие што имаат интернационални искуства се злобни откако ќе се вратат во земјата, а кај странците се како Пепелашки. Јас тоа го нарекувам малограѓанштина.

Така и се одлучив да одам преку барата. Тука, некои навистина проминентни експерти во своите полиња со најголем респект се однесуваат кон студентите. Секој професор, колку и да е зафатен и да врши важна функција, мора да одговори на студентска меил порака во рок од еден ден. Така за сите свои дилеми и проблеми можев во секој момент на професор да испратам меил и ете решение во рок од неколку часа. А тетките од студентскиот се прекрасни; системот многу ефикасен. И се што ми остана мене како на студент е да се грижам за тоа како да ги положам своите испити. Бидејќи тоа е и основна студентска грижа. А во мојата држава, токму ваквите лоши професори се најмногу платени, а асистентите и посветените професори, од кои најмногу се научува, се платени многу малку, да не кажам мизерно. Што би рекле Американците „shout-out‟ на тие професори кои чесно си ја вршат својата работа, а ги има и кај нас и треба да им се укаже голем респект и да им се овозможат подобри услови.