Македонија го доби најдобриот Microsoft Office Specialist: Јорданчо Ефтимов продолжува на светскиот натпревар во Флорида

3285

Се одржа големото финале од проектот за унапредување на дигиталната писменост во Р. Македонија – Национален MOS (Microsoft Office Specialist) натпревар, во просториите на i-bank store филијалата на Стопанска банка АД – Скопје.

На натпреварот кој започна кон крајот на декември 2017, се пријавија повеќе од 1000 млади, од кои 40 со најдобар резултат влегоа во денешното финале. Овогодинешниот победник кој ќе ја застапува Македонија во Орландо, Флорида како најдобар Microsoft Office Specialist е Јорданчо Ефтимов од Кочани. Јорданчо ќе се натпреварува со претставниците на повеќе од 140 земји и ќе се бори за титулата најдобар Microsoft Office Specialist во светот.

На отворањето на финалето, свое обраќање до јавноста имаа заменик градоначалникот на Град Скопје, г. Енвер Малиќи, генералната директорка за банкарство на мало, Стопанска Банка АД – Скопје, г-ѓа Милица Чапаровска – Јовановска, директорот на Certiadria, г. Марко Серафимовски како и директорката на Семос Едукација, г-ѓа Валентина Тасевa.

Град Скопје, како партнер во организирањето и спроведувањето на МОС натпреварот, и оваа година овозможи бесплатно тестирање за 500 учесници.

„Ме радува фактот што со поддршка на овој проект им овозможивме на учениците бесплатно да ги полагаат испитите и да се стекнат со меѓународно признат МОС сертификат. За оваа година, набавиме четири МОС лиценци со по 100 испити и една АСА лиценца со 100 испити (вкупно 500 испити). Со задоволство можам да констатирам дека од година во година е сѐ поголем бројот на средношколци коишто учествуваат на натпреварот и преку добивање на овој признаен во светот сертификат го валоризираат своето знаење. Во текот на изминатите две години, Градот директно поддржа 750 ученици овозможувајќи им бесплатно полагање на МОС испитите, но оваа наша пракса ќе ја продолжиме и во иднина со цел на што повеќе млади луѓе да им дадеме можност да се стекнат со овој сертификат.“ – изјави заменик градоначалникот на Град Скопје, г. Енвер Малиќи.

Организаторите велат дека секоја година бројот на учесници се зголемува: „Сите учесници кои ги положија испитите се стекнаа со меѓународни сертификати, со што ја потврдија нивната дигитална писменост и вештини неопходни за понатамошен успех и кариерен развој. Морам да истакнам дека оваа година имаше огромен интерес и најголем број на пријавени натпреварувачи. Се потврдува фактот дека полека но сигурно се зголемува дигиталната писменост кај младите во Македонија, се зголемува свеста кај луѓето за потребата од поседување на дигитални вештини и сертифицираното знаење, што понатаму ќе донесе оспосособени и квалитетни кадри. Му честитаме на овогодинешниот победник Јорданчо Ефтимов, и му посакуваме успех и победа на светскиот натпревар.“ – изјави Марко Серафимовски, директор на CertiAdria.

„Во овој период од животот на младите, едукацијата е еден од најважните елементи за понатамошно развивање и правилно насочување на нивните потенцијали, а MOS натпреварот е исклучително важен настан кој директно влијае во таа насока, но и во подобрување на нашето општество во целина. Основните компјутерски познавања, односно познавање во Microsoft Office програмите е речиси задолжителен услов при вработување. Младите денес, иако имаат познавања од компјутери и постојано ги користат, постои простор за доописменување. Една од целите на овој натпревар е токму тоа, да се употреби технологијата за повисоки цели, покрај забавната да се искористат и другите нејзини функции кои ќе помогнат во понатамошниот образовен и професионален развој на младите. Им посакувам искрени честитки на финалистите и понатамошни лични успеси.“ – изјави Валентина Тасева, генерална директорка на Семос Едукација.

Од Стопанска Банка велат дека им претставува особено задоволство што уште од првата година даваат свој придонес во значаен проект од ваков карактер.

„Со самото тоа што стигнаа до денешниот натпревар, според нас сите финалисти се победници и шампиони. Затоа, Банката им додели ваучери од 5.000 мкд и се надеваме дека без оглед на исходот од денес, финалистите ќе си заминат со награда и со насмевка на лицето. Банката останува посветена на промовирање на вистинските вредности и посветена кон финансиската едукација која е неопходна за самостојниот живот на младите по осамостојувањето. Токму на овие постулати ја основавме и нашата TOPSI платформа која е дел од нашите напори како генерација да ги обезбедиме неопходните ресурси за градење на кариерата и иднината на младите тука.“ – изјави генералната директорка за банкарство на мало, Стопанска Банка АД – Скопје, г-ѓа Милица Чапаровска – Јовановска.

Натпреварот се одржува трета година по ред во организација на Certiadria, со поддршка од многу компании, државни институции и општини, меѓу кои: Министерството за информатичко општество и администрација, Град Скопје, Општина Куманово, Семос Едукација, Стопанска банка АД – Скопје, оне.Вип, Макпетрол А.Д. Скопје, WVP Fund Management, Витаминка Прилеп, Метрополис Радио Мрежа и др.

MOS (Microsoft Office Specialist) натпреварот е наменет за млади лица на возраст од 13 до 22 години, односно за сите ученици од основните и средните училишта, како и студентите на факултетите. Учесниците на овој натпревар имаат можност да ги покажат своите вештини во познавање на Microsoft Office алатките: Word, Excel и PowerPoint (2013 или 2016).

За прв пат оваа година се одржа и Националниот Adobe натпревар, на кој се натпреваруваа 100 учесници. Финалето ќе се одржи следната недела. Победникот ќе ја застапува нашата држава во Флорида, САД на светскиот Adobe шампионат.