Еразмус плус конференција за самовработување и самоедукација

1143

Три дена, од 11 до 14 јуни, Универзитетот „Гоце Делчев“ е домаќин на Еразмус плус конференција „Self-entrepreneurship“, на која млади и студенти од Македонија, Италија, Шпанија и од Словенија ќе се здобијат со знаења и вештини за самовработување и самоедукација.

– Универзитетот „Гоце Делчев“ денеска ја организира првата Еразмус плус конференција, каде што 16 учесници од Шпанија, Италија, Словенија и од Македонија учествуваат на тема вработување на младите, како да ги развијат своите вештини, што значи бизнис план, како тие можат да бидат поконкурентни на пазарот на трудот. Во наредните три дена со студентите ќе работат професори и стручни лица, како од УГД – Штип, така и од Шпанија, Италија и од Словенија. На крајот од овој проект ќе биде подготвен и еден извештај со сите препораки од младите кои учествуваат во овие конференции и ќе биде доставен до Европската комисија, каде што ќе се разговара за тоа што е потребно за младите, како можеме да им помогнеме и да ги мотивираме да основаат свој бизнис, кој освен во Македонија, ќе биде поврзан и со партнерите во Европа – изјави Сања Стефанова, раководител на Канцеларијата за меѓууниверзитетска соработка на УГД.

Според Паола Мацарани, координатор на проектот од Италија, преку овој проект треба да се изработи и имплементира нова Европска стратегија за младите.

– Првата средба беше во Италија, на тема култура, втората во Словенија, каде што тема беа социјалните медиуми, сега сме во Македонија, а последната средба ќе се одржи во Шпанија, каде што ќе разговараме за миграциите, како мигрантите можат да се интегрираат во локалните средини – изјави Паола Мацарини.

Од Словенија проект-менаџер е Маја Жуниќ-Папијанчич, која доаѓа од Ново Место, и таа смета дека е многу значајно што можат да се разменат искуства од различни држави и различни општини.

– Многу е важно да се најдат различни механизми за вклучување на младите лица во процесите на носење одлуки. Многу е важно младите да бидат вклучени во процесот на носење одлуки за тоа каква ќе биде Европа во иднина. Сево ова треба да биде вклучено во новата европска Стратегија за млади 2027 – изјави Маја Жуниќ- Папијанчич.